Monday, November 17, 2014

Зимски тренинг во летни услови. Клајмбинг Чанг Маи, Тајланд


Во Македонија зимските температури годинава дојдоа уште во средината на октомври.  Благодарение на околностите кои се поклопија, имав прилика да го продолжам летото и да направам интензивен тренинг на карпа во летни услови на далекиот исток, Југо - Источна Азија.  (Тајланд и Малезија).
Качувањето на „сува“ карпа за мене е битен дел од целокупниот тренинг за експедициите на високите врвови. Стрмните страни на Хималаите, Андите и Алпите  бараат добра техничка подготовка. Така, според мене комбинација од неколку различни дисциплини се надополнува при  подигнување на физичката и на психичка кондиција.

Во ист состав као и претходно го посетивме Тон Саи после 6 години од минатиот пат. Иако не се чинеше како долг период, се чувствуваше голема промена во однос на карпата. Насоките беа веќе добро исполирани,  профилот на туристи на местото беа повеќе комерцијални отколку „хард кор“ качувачи. Малите бамбусови бунгалови се повеќе се заменуваат со поголеми ѕидани објекти.
Насоките се добро подмачкани со мешавина од фактор за сонце, пот, лосион против комарци, магнезиум и влажен солен воздух од морето. 
 
 
Беше доста топло и повремено врнежливо при крај на монсунската сезона, што беше ограничување за должината на тренингот.
 
 
После активни недела дена решивме да смениме локација и да му дадеме шанса на северниот дел на Тајланд каде досега не сме ги истражиле качувачките капацитети.

Следна дестинација: Чанг Маи.  Прекрасна природа, поумерена клима и оштра карпа со насоки за секого. Карпата е сеуште „невина“ во споредба со онаа во регионот на Краби, Јужен Тајланд.

Локалитетот „Крејзи Хорс“ кој навистина наликува на портрет на налудничав коњ, нуди скриени сектори со преку 150  насоки со тежина од 5б до 8а. Насоките се прилично долги, во просек по 20м, со различна текстура.
Комбинација од превисни ѕидови и вертикален оштар варовник со технички насоки. Има повеќе скриени пештери  кои на места  формирале сталактити, туфи и завеси налик на оние од Краби. Има и долги насоки со по неколку должини на јаже.  Во ниеден момент не се чувствува гужва и покрај присуството на други качувачи. Температурите и климата е многу по пријатна за качување. Единствено вознемирувачко е царството на инскти особено оние кои летаат и безмилосно напаѓаат, како и други шумски животинки на пример застрашувачки змии.

 
 
 
 

 
 
       Ја  имав честа да ја водам оваа прекрасна насока „Реунион “ со 3 должини.  
                                      

Имаат изработено супер водич со топо, опис и други корисни информации за местото. 
 
 
Домашното сместување во близина на карпата е во гостопримливи кукички изградени во согласност со природата, додека храната е доста по евтина од онаа на туристичките мениа во Тон Саи. Во просек трошевме по 350 - 500 МКД дневно за храна + сместување, но тоа е буџет за најосновни потребштини без многу лудории и луксуз.
Малку егзотични примероци од она што го имавме на нашето комшиско пазарче.


 

После Тајланд, повторно ја посетивме Малезија. И таму спортското качување доста напреднало. Отворени се низа нови насоки со одлична должина и тежина. Особено ми се допаѓа и нивната заедница во овој спорт. Постои голема солидарност и поддршка меѓу луѓето кои меѓусебо се поттикнуваат за напредок.

На ова патување искачивме по околу 50 насоки,  некои неспоредливи меѓусебе и покрај истата оценка. 6б на вертикален ѕид и во превис е тотално неспоредливо. За збогатување на искуството битно е да се менува локација и да се пробуваат различни насоки. Тоа е многу по ефектно отколку секојдневен тренинг на исто место и без поместување на целта.
 
Фантастично чувство беше посетата  на Камп 5, нашето работно место пред скоро 6 години. Тоа е најголемата сала за спортско качување во Југоисточна Азија со преку 2500м2 ѕид за качување и максимална висина од 20.5м. Овојпат бевме специјални гости,  на покана да одржам презентација од искачувањето на Монт Еверест „Патот до Врвот“.
 Поддршка од Македонските пријатели во КЛ. Миле, Снежана, Благица, Љупчо и Јане





Планините и планинските спортови се битен дел од мојот живот.  Она што ме плени е делумно адреналинот, инспиративниот пејзаж кој природата виртуозно го извајала, но и поместувањето на сопствените физички и психички граници. Сакам карпа, снег, високи врвови, зелени ливади, велосипед, скии, дерези и се' останато.   Во моментот кога сме во топ форма за еден од овие спортови, запоставуваме некој од другите. Свесна сум дека не можам да постигнам врвен резултат на сите полиња. Сепак навистина се радувам што после две години блага пауза повторно ја почуствував моќта на адреналинот и љубовта кон карпите. Предизвикот да се искачат што повеќе линии со различна тежина и должина.  Ме радуваше болката во прстите, подлактиците и целото тело кое не може да се помрдне после целодневните тренинзи.


 

 

Качување по Шпански / Spanish climbing or climbing in Spanish :)

Climbing in Chulilla and Siurana. Macedonian version only. Please scroll down, gallery is for all :) Прекрсни две недели качување н...